Забрана за камиони на превојот Стража

Поради интензивни врнежи од снег на патниот правец Гостивар – Кичево, преку планинскиот премин Стража во 9 часот утринава е воведена забрана за сообраќај за тешки товарни возила, соопштија од Авто мото-сојузот на Македонија.

Поради снежните врнежи забрана за камиони претходно беше воведена и на патниот правец крак Маврово – Дебар. Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, на некои повисоки места со остатоци од кашест снег на коловозот, додаваат од АМСМ.

Поради појава на магла пак, намалена е видливоста од 100 до 150 метри на патните правци Битола – Прилеп, Битола – Демир Хисар, Битола – граничен премин Меџитлија, до 50 метри на патните правци Куманово – Свети Николе и Велес – Градско и од 20 до 30 метри на патниот правец Берово – Виница.

АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде се бележи појава на утринска магла, а исто така зголемена е и можноста од појава на одрони. На осојничавите места коловозите се влажни, па поради ниските температури, карактеристични за вечерните и утрински часови постои можност и од појава на голомразица.