Потпишана македонско-германската декларација за возачките дозволи

Македонскиот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски и германскиот амбасадор во Македонија Томас Герберих денеска ја потпишаа Заедничката декларација за меѓусебно признавање и замена на возачките дозволи.

Заедничката декларација за меѓусебно признавање и замена на возачките дозволи стапува во сила веднаш, што значи дека македонските државјани во Германија веќе од утре имаат право да бараат замена на своите дозволи.

Двете земји постигнаа начелен договор за меѓусебно признавање на возачките дозволи уште во февруари годинава, но технички проблем ја одложи финализацијата на договорот.

Стапувањето во сила на декларацијата со олеснување ќе го дочекаат македонските државјани кои имаат постојано живеалиште во Германија, но и оние кои често патуваат во земјата, бидејќи досега правото да управуваат со моторно возило во Германија го имаа само во првите шест месеци од престојот. Потоа, мораа да полагаат одново возачки испит.

Неколку други земји од регионот, како Србија и Босна и Херцеговина веќе подолго време имаат вакви билатерални договори со Германија и нивните државјани без проблеми можат да управуваат моторни возила во земјата, без ограничувања.