Во Србија почнува мерењето на просечната брзина на автопатите

Во Србија од утре почнува мерењето на просечната брзина на возење на сите делници од автопатот, а сообраќајната полицијата ќе почне со казнување на сите оние, кои дури и за 1 километар, ќе ги надминат дозволените 120км на час.

Камерите на “Патишта на Србија” се инсталирани на сите локации утрврдени за таа намена, а брзината ќе се мери врз основа на времето на преминување од една до друга наплатна рампа.

Возачите со српски регистарски таблици кои ќе возат со просечна брзина поголема од дозволената, ќе добијат казна на нивна домашна адреса, а секој возач ќе може да ја види и просечната брзина на движење на сметката добиена на наплатната рампа.

Возачите со странски регистарски таблици, меѓу кои и македонските возачи, кои ќе возат со просечна брзина поголема од дозволената, ќе бидат запрени од сообраќајната полиција веднаш на наплатната рампа за патарина и ќе мораат паричната казна за сообраќајниот прекршок да го платат во најблискиот град, каде има судија за прекршоци.

Возачите нема да можат лесно, со можното сопирање на средината од делницата (одморалиште или бензиска пумпа) да ја избегнат казната, бидејќи ќе се зголеми и бројот на т.н. пресретнувачи на сите делови на српските автопати.

Така, на пример, на делницата Суботица-Ниш, долга 423 километри, дозволеното време за премин е 3 часа и 31 минута, додека од Белград до Ниш, не смее да се стигне побрзо од 1 час и 58 минути.

Од Хоргош до Прешево, на делницата долга 537 километри, не може да се вози побрзо од 4 часа и 16 минути, а од наплатната рампа Врчин кај Белград до Прешево, минималното време на премин во дозволените рамки изнесува 3 часа.

Возачите, кои на српските патишта, ќе возат побрзо отколку што им е дозволено во просек, ги чекаат следниве казни: За возење со брзина од 120 до 140 km/h, следува казна во износ од 3.000 динари, додека за возење 141 до 150 km/h ќе мора да платат парична казна од 5.000 динари. (1 еуро е околу 118 динари)

Со 10.000 динари ќе бидат казнети оние возачи кои возат со брзина од 151 до 160 km/h, а помеѓу 10.000 и 20.000 ќе плаќаат оние кои возеле со брзина од 161 до 180 km/h.

За  возење повеќе од 181 km/h казната се движи помеѓу  20.000 и 120.000 динари, а предвидена е и затворска казна од 30 до 60 дена и одземање на возачка дозвола.