Германските градови добија дозвола да забрануваат дизел возила

Германските градови може да воведуваат забрана за дизел-возила, пресуди Сојузниот управен суд во Лајпциг.

Сојузниот управен суд во Лајпциг решаваше по барањето за ревизија доставено од покраините Баден Виртемберг и Северна Рајна Вестфалија против пресудите на управните судови во Штутгарт и Диселдорф. Двата суда, по тужбата поднесена од страна на Организацијата за заштита на животната средина и потрошувачите од Германска еколошка помош (ДУХ) против покраините Баден Виртемберг и Северна Рајна Вестфалија поради големо пречекорување на дозволените граници за загадување на воздухот, ги задолжија покраините да ги заострат своите планови против загадувањето на воздухот. Сојузниот управен суд сега одлучуваше околу тоа дали забрана за возење дизел-возила во градовите е правно исправна или не, односно дали градовите можат самостојно да одлучуваат за тоа или мора да постои правило на сојузно ниво.

Одлуката на судот гласи – забрана за дизел-возила во градовите е во основа дозволена. Градовите тужители, Диселдорф и Штутгарт, меѓутоа ќе мораат прво да проверат дали нивните планови за забрана на возење, за кои што се смета дека ќе придонесат за исполнување на пропишаните граници за загадување на воздухот, се сразмерни или не. Пресудата, освен тоа, предвидува и преодни рокови и воведување на забрана за возење „дизели“ во фази. Во Штутгарт нема да биде можно вовоедување забрана пред 1 септември 2018 година.

Границите за загадување на воздухот во многу германски градови се пречекоруваат веќе со години. Притоа, станува збор за азотни оксиди кои се штетни по здравјето. Во градовите „три четвртини од азотните оксиди се предизвикани од дизел-возила”, објаснува Хелмут Деди, раководител на Здружението на германски градови.

Европската комисија оцени дека досегашните напори на Германија за ограничување на загадувањето не се доволни и се закани со тужба пред Европскиот суд.