АМСМ: Отежнат сообраќајот, снегот ќе продолжи да паѓа

Снежните врнежи низ цела држава го отежнаа и забавија патниот сообраќај, кој се одвива по влажни коловози, со остатоци од кашест снег, и со забрани и ограничувања за тешки товарни возила на планинските превои и дел од патиштата.  Поради појава на магла видливоста е намалена од 15 до 20 метри на Попова Шапка.

Снегот засега не предизвикува проблеми во авиосообраќајот и во железничкиот превоз.

Од Автомотосојузот на Македонија (АМСМ) информираат дека се воведени забрани за камиони на премините Пресека, Стража, Буково, Ѓавато и преминот Барбадос на регионалниот пат Македонски Брод – Прилеп, на патиштата  Маврово – Дебар,  Струга – граничен премин Ќафасан, на магистралниот  пат Крива Паланка – Деве Баир, на излезот од градот, како и на регионалниот пат Валандово – Дојран, каде кај крстосница Фурка има попреченост на товарно моторно возило. Во 08:45 часот изутрина укината е забраната за камиони преку Плетвар.

АМСМ препорачува внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација. Во клисурите и засеците можна е појава на одрони, особено на патните правци: Кочани – Македонска Каменица – Делчево, Виница – Берово, Гостивар – Стража, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, Катланово – Велес, Крушево – Демир Хисар и Ресен – Буково.

Во сила е законската обврска за задолжително поседување зимска опрема во возилата.

Облачно и студено со врнежи од снег

Според УХМР, времето  ќе биде облачно и студено со врнежи од снег. Врнежите ќе продолжат преку ноќта, ќе се префрлаат кон исток и ќе бидат пообилни во претпладневните часови, особено во југоисточните делови. Насекаде ќе се формира снежна покривка.

Утринската температура ќе се движи од минус четири до нула, а дневната од минус три до два степена.

Во Скопје исто така облачно и студено, со слаб до умерен северозападен ветер и со врнежи од снег особено претпладне. Температурата ќе биде во интервал од -2 до 0 степени.

Во следните денови ќе бидеме под влијание на многу студена и влажна воздушна маса што ќе услови значително заладување и повремени врнежи од снег. Утре во текот на денот врнежите ќе се префрлат кон исток, каде што ќе бидат поинтензивни. Од овие врнежи  насекаде ќе се формира снежна покривка на пониските места околу 10-15 см, а на планините покривката ќе се зголеми и за над 30 см.

Локални врнежи од снег ќе има и во вторник претежно во западните делови а краткотраен снег е можен и во ноќта кон среда. До четврток температурите ќе бидат во опаѓање и ќе се значително под просекот за овој период од годината. Најстудено ќе биде во среда и четврток преку ноќта кон изутрина, кога утринската температура на места ќе се спушти и под и -10 степени. Од петок температурата ќе биде во пораст.